
Тренинг курс за нови
театарски критичари
Пријави се!
Професијата „театарски критичар“ во нашата земја, за жал, не егзистира како посебна дејност а причините се повеќе; малата по број театарска продукција, ограничената територија, немањето слух на медиумите дека е важно театарската критика да биде редовно застапена во соодветниот медиум. Но, театарската критика е есенцијална за вреднувањето на продукциите, нивното паметење во архивата на колективната меморија на соодветниот контекст, како и нејзината практична функција, да биде оценувач на сценското уметничко дело, што е важно и за неговите создавачи и за публиката. Театарските критичари во нашата земја главно се поединци кои се занимаваат со ова дејност дополнително, покрај нивниот основен професионален ангажман а тоа обично е новинарство, педагогија, литература, администрација во културата и слично. Во оваа смисла, и покрај постоењето на неколку факултети за драмски уметности во земјата, сеуште не постои курикулум кој ќе едуцира и произведе „театарски критичар“, ниту пак оваа професија во нашата земја има создадено свои стандарди, заеднички усвоен вредносен систем и кодекс на областа. Се очекува дека со театарска критика би требало да се занимаваат завршени студенти на драматургија или театрологија, но таквиот број на ангажирани поединци е многу мал. Имајќи го сето ова предвид, составен дел на оваа програма е и востановување на редовна обука за нови театарски критичари, со што ќе се овозможи на сите оние поединци кои имаат интерес да занимаваат со оваа активност во нашата земја, да поминт низ стручен двомесечен тренинг. Едукацијата опфаќа базична теоретска обука, посета на театарски претстави, аплицирање на наученото преку пишување на критика на конкретни театарски претстави, заедничка опсервација и анализа, посета и запознавање со процесот на создавање на сценското уметничко дело и учество во подготовка на кратко сценско дејство, при што секој нов театарски критичар ќе го искуси вкупниот процес на создавање на еден театарски чин. Ваквите тренинзи ќе се организираат континуирано, сите нови театарски критичари кои ќе ја завршат обуката ќе добијат можност да бидат ангажирани во рамките на активностите на Театарска Критика, а нашата организација ќе работи и на обезбедување институционална медиумска поддршка и ангажман во соодветен медиум. Условот за запишување на обуката е завршено високо образование – факултет, од било која област и интерес за занимавање со театарска критика. Во тек е отворениот повек за првата група на нови театарски критичари. Искористи ја можноста и пријави се на формуларот подолу!